МАКЕДОНИЈА

МАКЕДОНИЈАТурската демократска партија во земјава одбележа 30 години

Турската демократска партија (ТДП) со свечена програма ја прослави својата 30-годишнина од основањето, а на свеченоста присуствуваа техничкиот премиер, Оливер Спасовски, претседателот на ТДП, Бејџан Илјас, почесниот претседател на ТДП, Кенан Хасип, потпретседателите, членовите на партијата, високи функционери и многу други гости.

Во својот говор, Спасовски упати честитки по повод 30-годишнината на ТДП и посака долги години да останат на политичката сцена.

„ Затоа што е создадена кога се создаде и независна и суверена Република Македонија. И во темелот се вградени многу кадри на Демократската партија на Турците, коишто од првиот момент се вложија да имаме држава ваква каква што е денеска – држава независна, суверена, држава на сите граѓани без разлика на националната, верската, етничката припадност. Држава која што е дел од НАТО и ЕУ, рече Спасовски, истакнувајќи дека ТДП е вградена во темелот на оваа држава.

Спасовски упати благодарност до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и Владата за испратената помош за борба против вирусот Ковид-19.

„ Посебно сакам да се заблагодарам на сите Турци во Северна Македонија не само на членовите на вашата политичка партија, заради тоа што не само што се најлојални граѓани на оваа држава, туку се граѓани коишто ја основаа, коишто ја поддржуваат, коишто заеднички се трудат да ја развиваме државата. Второ, се граѓани коишто се директен мост на нашето пријателство и братство со Република Турција, истакна Спасовски.

„ Ние ја одбележуваме 30-годишнината на Демократскиот сојуз на Турците, која е основана во јули 1990 година, која порасна во политичко движење. Потоа, Демократскиот сојуз на Турците во 1992 година се трансформира во Демократска партија на Турците, рече претседателот на ТДП, Бејџан Илјас.

Истакнувајќи дека организирале програма за оние кои вложиле големи напори во партијата, Илјас нагласи дека е важно што заедно на едно место се собрани и возрасните и младите за да го одбележат, како што рече, овој важен датум.

„ Ние се залагаме за развој на нашата мултикултурна и мултиетничка држава и секако за унапредување на правата на Турците во Северна Македонија кои биле и ќе останат најлојални граѓани. Ние како најголема и најсилна Турска етничка партија ја одбележуваме 30-годишнината од своето постоење на политичката сцена во Северна Македонија и уверени сме дека заедно со вас можеме уште повеќе, уште подобро и подготвени сме на 15 јули да ја славиме заедничката победа која ќе ни даде можност да продолжиме да ги остваруваме заедничките цели, рече Енвер Хусеин, генералниот секретар на ТДП и кандидат за пратеник.

Поради новиот вид коронавирус, програмата се организираше на отворено со почитување на мерките за социјална дистанца. Исто така, прикажано беше и видео со активностите на ТДП во изминатите 30 години.

Back to top button
Close