Coffee time is any time

ФЕС: Освен подготовка за влез во ЕУ, реформите на електроенергетскиот сектор во земјава ќе овозможат забрзан и праведен економски раст и развој

Стратешките цели и определби на една земја се клучни за постигнување на одржлив развој. Така, силната афирмација на Република Северна Македонија за членство во Европската унија како и постојниот статус на страна на Договорот за Енергетска заедница претставуваат основа за правната рамка на енергетскиот сектор на земјата и нејзиното позиционирање во меѓународни рамки. Од друга страна, тие треба да претставуваат и можности за праведна транзиција која истовремено ќе води кон декарбонизација, креирање на нови работни места и унапредување на животната средина. Овој процес претставува значаен сегмент во подготовката на земјата за процесот на пристапување кон ЕУ и за севкупниот економски раст, беше заклучокот на он-лајн промоција на публикацијата „Правна рамка на електроенергетскиот сектор во Република Северна Македонија и нејзина меѓународна позиција” издадена од страна на група професори од УКИМ/ФЕИТ во соработка со Фондацијата „Фридрих Еберт”.

– Стратегијата за енергетика на ЕУ, наречена Енергетска Унија, има пет меѓузависни поттикнувачки димензии, кои се дополнуваат и си помагаат при исполнувањето. Тоа се: енергетска сигурност, потполно интегриран пазар на енергија, енергетската ефикасност како многу важен елемент во целата стратегија на ЕУ и можност за намалување на потрошувачката на енергија, понатаму, климатска промена декарбонизација и истражување. Суштината на предложените мерки се сведува на енергетска ефикасност, глобално лидерство во обновлива енергија и чесен договор за потрошувачите. Пред година дена, за спроведување на својата стратегија, ЕУ излезе со патоказ, т.н. Зелен договор. Целта е да се трансформира стопанството на Европа во модерно и конкурентно стопанство со способност на ефикасен начин да ги искористува домашните ресурси Поточно, да престанат сите нето-емисии на стакленички гасови до 2050 година, ниеден човек и ниедно место во ЕУ да не останат без заштита и соодветна грижа. Затоа потребна е праведна и инклузивна политика за сите, појасни проф. д-р Весна Борозан.

д-р Весна Борозан

Според  доц. д-р Петар Крстевски најзначаен дел од легислативата на ЕУ е правната рамка за која ги дефинира мерките за поддршка на користењето на обновливите извори на енергија кое треба да биде  дефинирано во националните програми како задолжителна цел за заштита на животната средина.

доц. д-р Петар Крстевски

– Најважна е енергетската транзиција кон чиста енергија.  За да се постигне тоа, започната е изработка на интегрирани планови за енергија и клима, а потребно е и да се изврши и спојување на пазарите на електрична енергија и формирање на функционален регионален пазар на електрична енергија во Југоисточна Европа. Функционирањето на регионалниот пазар е условено од примена на заеднички мрежни правила, ова е актуелно и се очекува до крај на 2021 да се имплементираат овие мрежни правила, појасни тој.

За проф. д-р Александра Крколева Матеска, целта на анализата на правната рамка е да се направи преглед на реформите во електроенергетскиот сектор и степенот на имплементација на важечкото право на Енергетската заедница.

д-р Александра Крколева Матеска

– Направени се значајни чекори во сите области кои беа цел на анализата, а пример за тоа се раздвојувањето и сертификацијата на операторот на преносниот систем и назначувањето на МЕМО за Номиниран оператор на пазарот на електрична енергија. Во областа клима подготвен е нацрт Национален план за енергетика и клима, а Република Северна Македонија е прва од договорните страни на Енергетската заедница која ја исполни оваа задача. Во оваа област отпочната е постапка за донесување на нов закон за климатска акција преку кој ќе се транспонира Регулативата (ЕУ) 525/2013 која се однесува на механизмот за следење и известување за емисиите на стакленички гасови. Сепак, треба да се има предвид дека има уште задачи кои треба да се исполнат во сите области кои беа опфатени со анализата и дека процесот треба да продолжи понатаму, во чекор со промените на законодавството на Енергетската заедница и европското законодавство, вели проф. д-р Крколева Матеска.

Според Марко Бислимоски директорот на Регулаторната комисија за енергетика, како земја во изминатиот период имаме многу инвестиции во обновливите енергија, кај фотоволтаични електрани, кои не користат субвенции од државата и тие ја продаваат струјата на слободниот пазар, но секако потребни се дополнителни олеснителни мерки за зголемено производство на електрична енергија од обновливи извори, како и итно обновување на преносниот систем-мрежата за да се зголемат странските инвестиции во оваа гранка.

– Обврските кои ги преземавме бараа чекор по чекор да го намалуваме домашното производство на струја од Електраните, а повеќе да се фокусираме на обновливите извори на енергија. ЕСМ како што најави, планира до 2025 еден од блоковите да го замени со природен гас. Треба да бидеме искрени дека инвестициите во обновливите извори ќе си имаат соодветно влијание врз цените, но и врз ранливите потрошувачи, затоа ние како комисија предложивме олеснителни мерки посебно за овие категории до Министерството за економија и МТСП. Напоредно со овој процес треба да се инвестира во енергетска ефикасност, ние не сме богата земја, овие инвестиции треба да бидат помогнати од Владата, појасни Бислимоски.

Авторите, професорите од Универзитетот Св. Кирил и Методиј при Факултет за електротехника и информациски технологии, проф. д-р Весна Борозан, вон, проф. д-р Александра Крколева Матеска и доц. д-р Петар Крстевски, работеа на анализа на правната рамка на електроенергетскиот сектор на Република Северна Македонија и нејзина меѓународна позиција, со акцент на достигнувањата во процесот на спроведување на реформите, како и дефинирање на преостанатите чекори.

Оваа публикација, во која авторите ги објаснуваат во целост правните аспекти на енергетската транзиција на државава, има за цел да им послужи на тековните и идни дискусии, кои се водат на темата, од страна на сите засегнати страни, вклучувајќи ги владините институции, граѓанските организации, синдикати и академската заедница. Заложбите за креирање на социјално и праведно општество во кое енергетската сиромаштија е многу повеќе од бројка, кои истовремено се надополнуваат со предизвиците кои ги носат климатските промени, претставуваат нераскинлив дел од мотивите на европското законодавство.

Компаративната анализа, која е придружена кон оваа публикација, ни дава јасни и концизни индикации за идните чекори во однос на понатамошното усогласување на правните решенија, притоа задржувајќи се на позитивните аспекти и можности кои треба да ги искористиме како држава, а и како регион. Публикацијата е резултат на взаемна волја и соработка помеѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Факултет за електротехника и информациски технологии, во Скопје (УКИМ/ФЕИТ), а поврзано со европскиот проект од програмата „Хоризонт 2020, фондацијата „Фридрих Еберт“, канцеларија Скопје и канцеларијата за Регионален дијалог Југоисточна Европа (Дијалог ЈИЕ) со седиште во Сараево.

Во рамките на својата работа, Фондацијата „Фридрих Еберт” посветува особено внимание на развивање стратегии и поттикнување дискусии по клучни прашања кои се однесуваат на економските и социјални предизвици во земјата и регионот, како и на теми кои отвораат можности за унапредување на демократијата. Предизвиците кои му претстојат на електроенергетскиот сектор играат голема улога во дефинирањето на понатамошниот економски и социјален развој на земјата. Истовремено, тие нудат можности за негова демократизација, не само преку учество на граѓаните во носењето на одлуки, туку и преку нивно активно учество во сите пазари, било произведувајќи електрична енергија за сопствена потрошувачка, размена или продажба, било обезбедувајќи услуги за складирање на енергија. Ова е уникатна можност за крајните потрошувачи, која произлегува од транзицијата кон обновливи извори на енергија и која ќе може да се нарече праведна, само доколку праведно ги вклучи сите засегнати страни, а особено крајните потрошувачи, било како потрошувачи-производители или пак, преку енергетските задруги.

Сите материјалисејавно достапни на веб страницата на ФЕС поточно публикација и компаративната анализа, како и на посебен дел за проектот CROSSBOW на веб страницата на УКИМ/ФЕИТ.

Можеби ќе ве интересира