КУЛТУРА

Битола преку џез и уметност раскажа приказна за еден град

Битола наликуваше на светските џез метрополи. Долгоочекуваниот новогодишен концерт “Приказна за еден град” се претвори во првокласен музички настан по кој ќе се памети оваа 2019 година.
Големата сала на Центарот за култура беше исполнета до последното место, а од аспект на сцена, осветлување и звук концертот ги исполна сите стандарди на вистински голем настан.

Уште со првите тактови на “Копакабана” од легендарниот Драган Ѓаконовски Шпато, нумера со која започна овој концерт со вокалот на Јасна Димитровска која комбинира и џез и соул и фанк во нејзиното пеење и со специјалниот гостин со кадифен џез глас Џон Илија Апелгрин концертот се претвори во редок мелем за сите сетила.

На сцената двата вокалисти ги пратеа врвните џез музичари, Оливер Јосифовски, Дамир Имери, Славчо Коцев, Ади Имери, Сенад Хусеин, Рики Трајановски и Демир Кантуровски кои безброј пати беа наградени со овации после соло делниците во нумерите.

Публиката уживаше во скоро двочасовно музичко патување со репертоар во кој имаше и џез класици и македонски евергрини и празнични нумери, а изведувачите два пати беа вратени на бис.

Вечерта не заврши тука, музичарите приредија џем сешн во битолскиот култен џез клуб Порта Џез во која продолжи забавата со што вечерта доби и поинаква завршница.

Овој концерт годинава имаше и една друга мисија, да ја разбуди свеста кај јавноста и да повика на совест кога станува збор за созавање отпад. Битолската треш челинџ акцијата “Мети си со класнето”, поттикната од Божиновски часовници и накит, направи отворен конкурс за Арт треш челинџ, на која се пријавија дури 400 деца со свои уметнички дела направени од собран смет низ градот, а најдобрите беа поставени во фоајето пред концертната сала со пораки до публиката, а оттука и до пошироката јавност дека “Свеста не е луксуз”.

Овој арт проект во 2020 година ќе има национална турнеја низ сите градови, а најавен е и проект за развивање на идеја за ботаничка градина во градот Битола.

Back to top button
Close