СПОРТ

Ако се пласираме на ЕП, ќе ни требаат многу пари за да ја гледаме Македонија -Затоа почнете да штедите со време!

Македонија не ја искористи првата шанса за настап за првпат на Европско првенство преку евроквалификациите.

Сега преостанува од втор обид преку мартовските баражи да стигне до историски успех со настап на континенталниот собир, за што прво ќе мора да го мине Косово во Скопје, а потоа и да го добие финалето од Д-сегментот во Лигата на нации за да се завери пласман на шампионатот.

Четири месеци до клучните мартовски баражи, со оглед на економската моќ на македонските граѓани, ќе треба навивачите уште отсега да почнат да штедат пари, за да може да го гледаат првиот настап на едно големо натпреварување на фудбалската селекција низ Европа, ако црвено-жолтите фудбалери конечно ја израдуваат нацијата.

Фактот дека ова ЕП ќе биде специфично и ќе се игра во 12 градови низ Европа, значи дека на навивачите ќе им требаат многу пари за да може да ги проследат минимум трите историски мечеви на шампионатот.

Ждрепката за Евро 2020 ќе се одржи на 30 септември во Букурешт, а веќе е познато кои градови ќе бидат домаќини на која група.

Така во групата А, каде што сигурно ќе игра Италија, домаќини се Рим и Баку, а таму ќе биде сместена и Македонија, ако евентуално се пласираме на континенталниот собир.

Во групата Б домаќини се Санкт Петербург и Копенхаген, во групата Ц се Амстердам и Букурешт, во групата Д, Лондон и Глазгов, во групата Е, Билбао и Даблин, а во групата Ф – Минхен и Будимпешта.

УЕФА одреди дека билетите за мечевите во Букурешт, Будимпешта и Баку (опција за Македонија) ќе бидат поевтини од тие во деветте други градови.

Така за градовите на Истокот, најевтините билети од трета категорија ќе чинат 30 евра, од втора категорија се 75 евра, а од прва категорија 125 евра.

Истите суми се и за четвртфиналето во Баку. За останатите девет градови, цената на билети е 50 евра, 125 евра и 185 евра, а овие цени се и за трите четвртфиналиња.

Фактот дека Македонија би играла во Баку, е олеснителен само за билети, но не и за превоз. Подобро ќе беше да ни се паднат останатите опции од Источна Европа (Будимпешта или Букурешт), но што е тука е…

Втор домаќин на нашата група е италијанската метропола Рим, каде што билетите се поскапи, но патот дотаму поевтин.

Ако двапати играме во Рим, нашите навивачи ќе треба да платат вкупно 100 евра за влезници и тоа за најевтините билети.

За тие со подлабок џеб ќе им требаат од 250 до 370 евра во ваква опција. Ако се додаде на ова цените на билети за авионски карти и сместување со оглед на тоа дека во само 12 дена би биле одиграни мечевите од групната фаза, пресметката е дека еден македонски навивач за да ја гледа репрезентацијата треба да потроши барем две просечни плати само за влезнииц, превоз и сместување, без да се знае уште пари ќе требаат за 12 дена за основни потреби како храна и пијалоци.

Во Македонија просечната плата е нешто над 400 евра, според заводот за статистика (25.000 денари).

Back to top button
Close