Coffee time is any time

1000 години од основањето на Бигорскиот манастир

Со посебната чест и радост, Ве известуваме дека во недела, на 18 октомври 2020, ќе се одржи главната и централна прослава на великиот јубилеј: 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир.

По тој повод, најпрво Ве замолуваме на Вашиот ценет медиум, да го емитувате односно објавите пригодниот видео спот „1000 години Бигорски манастир”, специјално подготвен за милениумскиот јубилеј од страна на продукциската куќа „Дрим фектори”, за што сме им неизмерно благодарни.

Што се однесува до програмата на централната прослава која што ќе се одржи во недела, на 18 октомври 2020, со почеток во 9:00 ч., ќе започне со Божествена архијерејска Литургија, со којашто ќе чиноначалствува Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со своите собраќа од Светиот Синод на МПЦ-ОА, а по завршетокот на Литургијата, со пригодно слово кон присутните, освен Архиепископот г. г. Стефан, ќе се обрати и покровителот на прославата, Претседателот на државата г. Стево Пендаровски.

Од страна, пак, на Митрополитот г. Тимотеј и Епископот г. Партениј ќе бидат доделени ордени и благодарници на заслужни поединци и организации, кои дале значителен придонес за илјадалетието на Бигорски и за неговата евангелско-просветна мисија.

1000 години Бигорски манастир

Со цел запазување на мерките за здравствена заштита, целата програма на 18 октомври, вклучително и Светата Богослужба, ќе се одвива на отворено, во дворот на Манастирот, каде ќе биде поставена монтажна бина, а исто така и видео-екран. На неколку места ќе има пунктови за дезинфекција, а носењето маски и одржувањето на потребното растојание, ќе бидат задолжителни. За доследно запазување на споменатите мерки ќе биде ангажирана професионална и лиценцирана екипа на редари.

Пред нас е историски, милениумски јубилеј на Свештениот Бигорски Манастир, којшто цели десет века е сенароден светилник кој го покажува патот кон возвишеното, светото, благородното, патот кон вистината и спасението.

За целиот наш народ кој искрено се радува на овој многу голем јубилеј за Православието и за нашата земја, ќе биде обезбеден директен пренос на МТВ, како и на фејсбук страницата и на јутјуб каналот на Бигорскиот манастир.

Можеби ќе ве интересира