in ,

Започнува летната серија трки на плажа – Ја трчаме Македонија!

ПРВ ДО ВРВ и ова лето продолжува со платформата WE RUN MACEDONIA (Ја трчаме Македонија) преку серијата на трки BEACH RUN на пет локации покрај вода низ Македонија.

Се работи за пет трки на туристички дестинации покрај вода наменети за сите кои трчаат или сакаат да трчаат ова лето на предвидените локации во проектот.

Летната лига во трчање започнува на 7 јули во Скопје, а потоа следуваат трките во Дојран на 14 јули, Претор на 21 јули, Маврово на 28 јули и завршната трка во Охрид на 3 август.

Првите три трки се на 5 километри, а потоа се трча полумаратон во Маврово и трка на 10 километри на финалниот натпревар во Охрид.

Во трките кои се дел од серијата Beach Run 2019 може да учествуваат сите оние кои го са-каат трчањето и тоа на сите, неколку или една трка.

Остварениот резултат на секоја од трките носи соодветен број на бодови според кои се формира табела со резултати, чиј фи-нален изглед ќе ги даде победниците на летната лига во трчање за оваа година.

За победниците на секоја од трките и на целата лига е обезбеден паричен награден фонд во вредност од 60.000 денари.

На секоја од трките, првите три места во машка и женска конку-ренција освојуваат 3.000, 2.000 и 1.000 денари.

Пријавувањето за учество во Beach Run 2019 е преку веб страната на www.prvdovrv.mk.

Настанот има за цел да го популаризира активниот спортски живот и трчањето во летниот период, кога луѓето се обично на одмор и на плажа.

Серијата Beach Run го става трчањето во контекст на плажата и можностите за спорт и рекреација што таа ги нуди.

Токму затоа во серијата се застапени петте најпопуларни дестинации покрај вода во Македонија.

На ланското издание на серијата трки во Скопје, Претор, Дојран, Маврово и Охрид, учествуваа повеќе од 500 учесници со што летната понуда на овие дестинации доби нова спортска и рекреативна содржина наменета за туристите и локалното население.

Настанот го организира здружението за спорт и рекреација Прв до врв од Скопје во соработка со локалните самоуправи и со поддршка на деловната заедница.