Вечерва започнуваат 47-те Мајски оперски вечери – Погледнете ја целата програма!

КУЛТУРАНАСТАНИ И ЖУРКИ

Со Вердиевата опера „Аида” вечерва ќе биде отворени 47-те Мајски оперски вечери, на кој до 31 мај ќе бидат изведени шест оперски и една балетска претстава.

Вечерите секоја година завршуваат со „Аида”, но овојпат и ќе почнат со оваа популарна опера на Верди, во продукција на театарот „Карло Феличе” од Џенова.

Режијата и адаптацијата е на Дејан Прошев, кореограф е Луиза Балдинети, а асистент кореограф – Саша Евтимова. Насловниот лик во вечерашната изведба ќе го игра Благица Поп Томова, а на 31 мај – Русинката Олга Романко.

Новата постановка е модерна „Аида”, спој на визуелната иновација со традицијата, виртуелна сценографија која, како што најавија од Националната опера и балет, ќе ја одведе публиката во светот на древниот Египет.

Според уметничкиот директор на Операта, Бисера Чадловска, се работи за ново, футуристичко видување на „Аида”, во која ќе има 3Д-проекции. Таа ја видела премиерата во Џенова и во соработка со театарот „Карло Феличе” целата продукција е донесена во Скопје.

Диригент на претставата е Енрико Довико, кој рече дека различно во однос на изведбата на матичната сцена во Џенова е тоа што оркестарот не е целосно на сцена, туку дел е во т.н. оркестарска школка. Италијанскиот диригент нагласи дека претставата е микс на традиционално и модерно и дека најголем предизвик е музиката да се координира со проекциите, односно тие да се приспособат на темпото.

Покрај Поп Томова, во главните улоги на „Аида” вечер се и Амади Лага (Франција/Тунис), Ирена Кавкалевска, Борис Трајанов, Владимир Саздовски и Евгениј Станимиров од Бугарија.

Фестивалот за отворен ќе го прогласи вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, а во наредните 20-ина дена на програмата се уште две Вердиеви опери…

– „Риголето” на 18 мај и „Травијата” на 28 мај, како и оперите „Лучија од Ламермур” на Доницети (15 мај) и „Боеми” на Пучини (22 мај) и балетот „Лебедово езеро” на Чајковски на 12 мај.

Во придружната офф-програма од 15 мај до крајот на фестивалот ќе биде поставена изложбата „Божествена симбиоза” посветена на првенката на Операта Ана Липша-Тофовиќ (1926-2012), која е меѓу основоположниците на македонската оперска сцена, а била и дел од првата изведба на „Аида” кај нас пред 65 години.

Во соработка со Амбасадата на Австрија, пак, на 20 мај на платото на Националната опера и балет со видео на отворено ќе биде прикажана „Ана Болена” од Доницети во изведба на Виенската државна опера, по повод 150 години од нејзиното основање.