in

В петок е најголемиот празник по Велигден – Што треба да се направи на овој ден!

Празникот Петровден е посветен на светиот апостол Петар и се смета за еден од најголемите празници по Велигден.

Секоја година се одбележува на 12 јули, а исто така денот е еден од најзначајните настани на Петровден бидејќи е почеток на традиционалната Галичка свадба.

За Петровден, постарите луѓе одат во црквата, а кој постел во петровденскиот пост се причестува. На овој ден може и да се работи зошто е во време на најголемата жетва, а според верувањето, дури и светецот (Св. Петар) тој ден зел срп и жнеел.

Некој го држат празникот само до пладне, а попладне работат. Во Галичник Петровден се сметал за голем празник, тогаш доаѓале печалбарите и тогаш се правеле и свадбите.

Останало забележано дека некогаш во еден ден имало 50 свадби, а удирањето на тапаните се слушало дури во Албанија.

Интересни обичаи и верувања се поврзани со Петровден. Тој ден рано наутро уште пред изгрејсонце оделе во бавчите и нивите, особено оние со бостан и од сите четири страни фрлале ситни камчиња.

На тој начин според верувањето засновано на принципот на имитативната магија се влијае врз бостанот многу да врзува и брзо да расте.

Исто така, бостанот, но и другите култури се прскале со вода од извор за да растат силно како водата што извира.

Во овие петровденски верувања интересно е и фрлањето измет од стоката врз бавчите и нивите со земјоделски култури.

Изметот земен од местото каде што стоката пладнувала (меризувала), или од пазарот се верува ќе влијае врз родот да биде густ и обилен како што била стоката на тоа место.

На иконите двајцата апостоли се претставени заедно, Петар со клучеви од рајот, а Павле со меч, симбол на сопствената смрт.

И двајцата држат отворени книги. На празникот му претходи петровденскиот пост, чија должина зависи од празникот Велигден.

Овој пост е еден од четирите повеќедневни пости во текот на годината, а започнува од првата недела по Духовден, а бидејќи овој празник е со непостојан датум и зависи од Велигден, така и петровденскиот пост секогаш не трае исто.

Апостолот Петар се прославува како образец на цврстата и искрена вера, а Павле како оној што најмногу се потрудил во проповедањето на распнатиот и воскреснат Исус Христос.

Инаку, тие, како и сите останати апостоли, имаат свои посебни празници во текот на богослужбеното годишно време.

Светиот апостол Павле е особено значаен за Македонија. Тој своето прво патување надвор од Азија го направил во Македонија.

Тоа започнало во 51, а завршило во 54 година. При своите патувања апостолот Павле организирал нови христијански општини, а старите ги утврдувал во новата вера.

Во книгата „Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука“, што е дел од Светото писмо, се истакнува дека кога светиот апостол Павле се наоѓал во Тријада, една ноќ имал видение: „…стоеше пред него еден човек Македонец, кој го молеше и му велеше: ’Премини во Македонија и помогни ни!’ По тоа видение, веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ н` повикал таму да го проповедаме Евангелието (Дела 16-9,10).