Сценографот Крсте Џидров донираше на МСУ дела од уметникот Симон Узуновски

КУЛТУРА

Познатиот македонски сценограф Крсте Џидров – Џиби донираше серија концептуални дела од циклусот„Белешки“ на неодамна починатиот уметник Симон Узуновски (1949 – 2018).

 

 

„Симе беше еден од моите најдобри другари. Пријателувавме уште од крајот на 70те години, од кога и датираат овие негови дела, кои за првпат беа изложени во галеријата „Кора“. Тој постојано се селеше и поради тие селидби, ги остави кај мене со цел да ги заштитам за да не ги оштети при транспорт. Не можам да кажам дека се во моја приватна сопственост, туку беа во долгогодишна привремена сопственост кај мене. По неговата смрт овие 4 дела ги подарив на Музејот на современата уметност – Скопје со цел да ја дополнам колекцијата на оваа институција со уште дела од Узуновски, која пак трајно ќе ги заштити“ вели Џидров.

 

 

Појавата на Симон Узуновски на македонската ликовна сцена во половината на седумдесетите години на минатиот век започнува со работата на слики во традицијата на апстрактниот експресионизам, по што набрзо следи неговиот интерес за концептуалистичките практики на темелно преиспитување на традиционалните сликарски и скулпторски медиуми. Започнувајќи ги своите истражувања со серија објекти изработени со леплива лента (Тркалајки, Марија, Преспа), по кои настануваат бројните апликации со селотејп на стакло и хартија, Узуновски ги реализира неговите познати просторни инсталаци во аулата на Филозофскиот факултет и во Дом на младите „25 мај“ во Скопје, кои ја означуваат за првпат во македонската уметност појавата на сите-специфиц инсталациите. Узуновски преку овој опус воспоставува релации во најширока смисла со пост-авангардните движења од средината на 70-те години, со кои беа пробиени конвенционалните јазични бариери во уметничкиот израз. Со циклусот „Белешки“, во кои спаѓаат и делата донирани од Џидров, Узуновски ги превзема семејните пораки и потсетници за пазарење дневни намирници, воведувајќи го како и со лепливата лента, „баналниот“ секојдневен предмет, или во овој случај исечокот од секојдневниот живот во сферата на уметничкото.

 

Донацијата на Крсте Џидров – Џиби, ја збогатува колекцијата на дела на Симон Узуновски во Музејот на современата уметност, во која влегуваат некои од неговите најзначајни дела со леплива лента, како што е “тркалајката“, Човек и птица, 8 колажи од циклусот Ливада и објектот Преспа.