Онлајн Мајски оперски вечери 2020

КУЛТУРА

Почитувани пријатели и соработници,  љубители на оперската и балетска уметност, почитувани наши редовни посетители на Мајските оперски вечери,

Оваа година ќе ги одбележиме Мајските оперски вечери на еден поинаков начин, со надеж што поскоро да се вратиме на нашата сцена и зад неа. На нашиот официјален YouTube канал, ќе имате можност да проследите 10 наши продукции, 8 оперски и 2 балетски, со кои ќе ги одбележиме Мајските оперски вечери,  фестивалот кој е најзначаен за Националната опера и балет.

За почеток, на 9 мај ќе можете да ја проследите дигиталната премиера на најновата продукција на операта „Кармен“, на 12 мај балетската претстава „Рајмонда“, 15 мај „Турандот“, 17 мај Кавалерија Рустикана и оперскиот концерт по повод 70 години од оперската уметност. На 19 мај ќе имате можност да го проследите балетскиот концерт „Балетски бисери“ а на 22 мај операта „Фауст“. На 24 мај, по повод празникот „Св. Кирил и Методиј“ ќе имате можност да ја проследите операта „Лидија од Македонија“ од Ристо Аврамовски. Операта „Адријана Лекуврер“ ќе биде емитувана на 26 мај, а операта „Травијата“ на 29 мај. За крај традиционално, како што и би го завршиле фестивалот Мајски оперски вечери, на 31 мај ќе ја емитуваме операта „Аида“.

Директорот на Националната опера и балет, м-р Васо Ристов вели дека Мајските оперски вечери се крстопат на цивилизации и култури од целиот свет. Почитувани вљубеници во оперската уметност, колеги уметници, драги соработници, почитувана публико,Ви благодарам што за изминатите 47 години на одржување на Мајските оперски вечери секогаш сте ни давале поддршка, исполнувајќи го нашиот салон со топлина и љубов.

За жал пандемијата ги промени сите планови што ги имавме за овогодинешните 48-ми по ред Мајски оперски вечери, но сепак засега ќе ги одбележиме со избор од онлајн престави во текот на целиот месец мај.

Уметничкиот раководител на операта, м-р Бисера Чадловска вели: Ова е период од годината кога ние, вработените во Националната опера и балет, сме секогаш најпродуктивни и во зенитот на нашата оперска и балетска сезона. За нас, 9 mај е најочекуваниот ден во годината, ден до кој доаѓаме по период исполнет со макотрпна работа, труд но и возбуда поради тоа што не очекува во текот на месец мај. Нам уметниците, оваа година ќе ни недостига чувството на исполнетост, креативен порив и адреналинот кој го чувствуваме додека сме на сцена за време на нашите претстави. Верувам дека сите емотивно го доживуваме овој перод и со нетрпение очекуваме да се вратиме на нашите работни места. Сите ние кои се занимаваме со музика знаеме дека ја имаме најубавата работа на светот. И бидејќи постоиме за вас, нашата верна публика, сега од вас ја бараме најголемата поддршка. Во месец мај споделувајте ги линковите од нашите претстави и не не заборавајте. А на сите вас кои некогаш сте настапиле на Мајските оперски вечери или сте учествувале во некој нашите проекти, ви се заблагодаруваме на поддршката. Ви посакуваме добро здравје и што побрзо сите да се вратите во салонот во Националната опера и балет.

За распоредот на закажаните дигитални премиери следете ја нашата веб страна www.operabalet.mk, и претплатете се на нашиот официјален јутјуб канал www.youtube.com/user/makoib.