Крстевски: Од говедскиот коронавирус не може да се заразат луѓето

МАКЕДОНИЈА

Говедскиот коронавирус претставува еден член на групата коронавируси кој, како што самото име укажува, може да предизвика болест само кај говедата и не претставува никаква опасност за луѓето. Овој вирус е одамна добро познат како причинител на дијареја и респираторни инфекции кај телињата и возрасните говеда и се среќава насекаде низ светот, вели проф. д-р Кирил Крстевски, катедра за заразни болести и епидемиологија од Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје.

– Терминот коронавируси означува група составена од голем број на сродни, но сепак различни вируси. Оваа група на сродни вируси (коронавируси) се добро познати причинители на дигестивни и респираторни нарушувања кај голем број животински видови и човекот. Она што е значајно да се истакне е тоа што секој поединечен коронавирус од оваа група може да предизвика заболување само кај оној вид на организам за кој е адаптиран и оттука може да го нападне и инфицира, појаснува проф. д-р Крстевски.

д-р Кирил Крстевски

Според него со оглед на тоа што појавата на говедскиот коронавирус е поврзана со смалена продукција кај говедата и губитоци за фармерите, препорачливо е лабораториското испитување за утврдување на неговото присуство при појава на дигестивни и респираторни инфекции кај говедата.

– Во контекст на ова, нашата лабораторија врши испитување на присуството на овој вирус во случаите кога тоа е индицирано и позитивните наоди не се ништо ново, ниту пак невообичаено за ветеринарните лекари и одгледувачи на животни, потсетува проф. д-р Крстевски. Тој вели дека постојат и други, добро познати типови на коронавируси кои се причинители на болести со слична симптоматологија и кај останатите домашни животни (свињи, коњи), миленици (кучиња, мачки) и живина (кокошки).

– Потенцирам дека сите сите овие типови на коронавируси кај животните се добро познати, присутни се повеќе децении и неможат да се пренесат на луѓето, па оттука не претставуваат никаков ризик за нивното здравје и не треба да се мешaат со новиот коронавирус кој е причинител на болеста Ковид-19. Иако овој коронавирус постепено еволуирал од тип на коронавирус присутен кај лилјаците, тој во моментов претставува посебен тип на човечки коронавирус (наречен SARS корона-2 вирус) кој е адаптиран и се шири помеѓу луѓето. Значи, во случајот на Ковид-19 зборуваме за нов, човечки коронавирус, за кој се уште се отворени многу прашања кои постепено ќе го добиваат својот одговор преку големиот број научни студии кои непрекинато се реализираат насекаде низ светот. Дел од овие прашања се однесуваат и на можноста овој нов човечки коронавирус да предизвика инфекција и кај животните, дополнува проф. д-р Крстевски.

Како што објаснува проф. д-р Крстевски од она што засега со сигурност се знае, причинителот на Ковид-19 може да ги инфицира мачките и ласиците и кај истите да предизвика појава на респираторни симптоми. Иако вирусната РНК е потврдена и кај неколку кучиња, во моментов се смета дека вирусот кај кучињата не може да се реплицира и да предизвика болест.

Од овие причини, според него потребно е да се ограничи контактот на домашните миленици (особено мачките) со лица кои се сомнителни на или заболени од Ковид-19 како истите би се заштитиле од можна инфекција. Во таа насока, се препорачува милениците на луѓето заболени од Ковид-19 да бидат згрижени од некој друг. Доколку тоа не е можно, потребно е сопственикот да избегнува блиски контакти со своето милениче и да носи маска, односно да ги применува истите превентивни мерки како и во однос на останатите членови од семејството.

-За крај, би сакал да нагласам дека во моментов не постојат докази дека мачките, кучињата, ласиците кои се инфицирале од луѓе заболени од Ковид-19, можат да бидат извор на зараза за здрави луѓе, па оттука се смета дека тие немаат улога во ширењето на болеста. Секако дека ветеринарната наука во светот продолжува интензивно да работи на комплетно разјаснување и конечно утврдување на евентуалната улогата на различните животински видови при ширењето на Ковид-19, порачува проф. д-р Крстевски