Д-р Татјана Гуржанова, гинеколог акушер, ин витро специјалист во Newborn Clinic – Центар за плодност

На кафе со д-р Татјана Гуржанова

ЖИВЕЈ ЗДРАВО

Утрото ми започнува со мирисот на кафе и неретко со црн чај и подготвување за работниот ден кој следи. Денот го почнувам со snooze, едно 2-3 пати и потоа имам буквално 20 минути да го испијам кафето и да го започнам денот заедно со ќерка ми. И скоро секогаш се досредувам на работа. Сакам електронски да ги „прелистам“ дневните информации и да се видам со колегите. Имаме прекрасен тим во Newborn Clinic со кој секое утро го започнуваме со многу хумор уште од 8 часот, потоа  заедно ја листаме агендата на сите пациенти кои се закажани за тој ден, се даваат предлози, се истражува и заеднички се одлучува што ќе се преземе во зависност од фазата на третман во која што се. Среќни сме кога во денот ќе имаме убава вест како бременост после завршено ин витро или некој друг третман што сме го спровеле или кога ќе ни дојде на гости, некое од нашите Newborn бебиња херои. Тогаш забораваме на тежината на денот, на обврските, на препреките и се бориме меѓу себе кој повеќе ќе се гушка со нашиот мал херој.

Сакам кога патувам приватно, но и службено на конференции или на обуки. Сакам да истражувам нови места и да вкусам различни видови на кафиња. Некогаш сакам со јак вкус, некогаш пак да има по силен  мирис а често знам да се одлучам и за црн чај, ако сте љубител на црниот чај ќе знаете колку е тешко да ви ја погодат таа права нота на чај, вистинската доза, правиот однос.

Особено ми е драго кога ќе се најдам во близина на кафе продавница, Coffee shop, во која можам да си испазарам за дома и каде ќе можам директно да го вкусам кафето, каде ме информираат што содржи, од каде има потекло, со какви ароми. Откога ќе го купам сакам со пријателите да го споделам и да уживаме заедно во долги разговори.

Некогаш омилен дел од денот ми беше весникот и кафето, тоа беше вистинско време за себе. За жал со тек на време тоа се промени, електронските уреди го заменија весникот, иако мирисот на хартијата од весникот особено кога патувам ми е еден од посебните моменти во животот бидејќи чини малку а значи многу за мојот мозок.

Обуките и конференциите ми се секојдневие како и средбите со колеги од странство. Сакам да споделуваме искуства, да учиме едни од други, имаме навистина што да си кажеме. Сакам кога пиеме кафе, кога имаме долги вечери во кои научно дебатираме, дискутираме. Многу честа тема со моите колеги и пријатели ми е физиката, посебно космологијата. Знаеме долго во ноќта да ја бараме смислата на се околу нас во физиката.

Земјите во кои уживам и приватно се Италија или Шпанија, таму луѓето се релаксирани, топли, ти говорат певливо, дури и сопствената мисла добива некаква убава мелодија. Го сакам и арапскиот свет – мирисите, културата, кујната, топлината на луѓето, иако е малку суров за европското сфаќање на животот.

Сакам позитивни луѓе и позитивни мисли, ние сме генерација која и во средношколските и студентските денови учевме, читавме, бевме гладни за нова книга, поинаква мисла, се дружевме, разменувавме идеи, ставови. Пријателствата се започнати уште од деновите на средното училиште и до ден денес траат со истиот интензитет и љубов.

Растени сме со идеал за етичност, храброст, лојалност кон луѓето, лојалност кон работата, кон идејата. Вредности кои се важни за да функционираме и да одбележуваме заеднички успеси. Навистина сум горда на генерацијата и на нашите среќни моменти.

Верувам во позитивна енергија, енергијата што се создава при меѓусебната комуникација, каква порака праќаме, колку сме искрени со останатите, колку се вложуваме во нашата работа и сакаме секој ден да ни е поуспешен од претходниот. Работите треба да се анализираат трпеливо, од секој агол, без прерана осуда, да се почувствуваат, прво длабоко вдиши потоа одлучи. Верувам дека основна мисла на денот треба да биде да помогнеме, да бидеме трпеливи и да си веруваме едни на други за да може на крајот од денот кога ќе пиеме кафе, чај или чаша вино заедно, да ни биде во спокој и задоволство.

Сакам да порачам до сите ваши читатели дека можат на порталот Женски магазин да прочитаат интересни авторски интервјуа или текстови со една шолја кафе и да бидат навремено информирани.